Постот е оргинално објавен на Интернет Маркетинг Блог.
Интернет продавниците во светот се секојдневна работа, но тоа не можеме да го кажеме и за Македонија. Меѓутоа секојдневно овој пазар се развива бидејќи постојат предуслови. Неофицијално во Македонија постојат околу 1 милион граѓани кои користат Интернет, исто толку користат платежни картички (бројот на картички е неколку пати поголем од бројот на корисници), а постојат само 50-тина интернет продавници.
Предусловите се тука, веќе се работи на едукација и подигање на свеста на купувачите, останува уште да има се поголем број на интернет продавници. Инвестицијата за отворање на интернет продавница не е воопшто голема, и е препорачлива за секој постоечки бизнис, но и за нови start-up бизниси.
Производи и услуги
Започнете ја својата идеја со правење на листа што ќе продавате. Колку и да звучи тривијално, сепак многу е битно да сте фокусирани на тоа што продавате. Многу е побитно да имате определен сегмент на производи и услуги отколку да нудите се и сешто. Најдете го вашиот “niche” пазар и развивајте ја вашата продавница. Доколку нудите услуги, добро дефинирајте ги, и по можност направете пакети кои се лесно разбирливи.
Целна Група
Можеби поважно од тоа што продавате е кому му продавате. Определете ја вашата целна група и дефинирајте го вашиот просечен купувач, кој е, што работи, од кај е, колкави му се примањата, зошто има потреба од вашиот производ или услуга. Дефинирајте го колку што може поспецифично. Ако имате неколку целни групи на пример мажи и жени, посебно дефинирајте ја секоја група и кажете кој ави е примарна, која секундарна
Дистрибуција и гаранции
Овој аспект мора да го осмислите добро. Денеска постојат поштенски услуги како што се Глобко Логистик, Курир и Карго Експрес кои го носат производот до вратата на купувачот. Не заборавајте да ги овозможите сите опции кои ги нудите за различна достава во системот за продажба (со подигање, обична пошта, брза пошта и сл).
Овозможете им на вашите клиенти враќање или замена на производот (понудете замена за ист, сличен или друг производ). Еден вратен производ е поевтино од еден незадоволен купувач. Преземете го производот на ваш трошок и голема е веројатноста да добиете верен купувач. На својата веб страна јавно означете ги следниве работи: Заштита на податоци, Политика на приватност, Услови на користење и Гаранција и враќање на производи.
Техничко решение
Секогаш може да се одлучите да барате систем кој ќе биде изработен според ваши барања, од компанија која добро ќе го наплати нивниот труд, но уште подобро ќе ве врзе за идни надградби на софтверот. Затоа морам да ви потенцирам дека постојат повеќе решенија развиени како слободен софтвер кои се основа на стотина илјадници интернет продавници. Предност при одбирање на вакви решенија е . Сепак од моето скромно искуство ви давам предлог за овие две решенија: Joomla! со додадена компонента VirtueMart, Magento.
За двата горенаведени системи може да се нарачаат шаблони (по околу седумдесетина евра) кои со мали промени можат да овозможат функционално решение со одличен дизајн. Изборот за овие две решенија е поради тоа што просечен напреден корисник на интернет, може лесно да се снајде во конфигурирање и одржување, а инсталацијата може да ја направи некој со основни познавања на MySql и FTP. Сепак за поврзувањето со системите за трансакција ви е потребно дополнителна помош од некој поискусен програмер или девелопер.
Системи за трансакција на ниво на Македонија овозможуваат следниве банки: Уни Банка, ИК Банка и НЛБ Тутунска Банка. Иако секоја банка за секој клиент дава посебна понуда со определени услови, од искуство најприфатливи се условите на ИК Банка (нема почетни трошоци, нема месечна надокнада), па на Уни Банка (нема почетни трошоци) и на крај НЛБ Тутунска Банка. Од друга страна НЛБ Тутунска банка ви нуди решенија и за Мастер/Маестро и за Виса, додека ИК Банка е овластена само за интернет трансакции за Виса, а Уни Банка само за Маестро/Мастер. Значи треба да се одлучите или за ИК Банка заедно со Уни Банка (трансакциите се одвиваат преку CaSys) или да ги прифатите условите на НЛБ Тутунска Банка (систем на FirstData). Изборот зависи од вас и од вашите потреби, само распрашајте се подетално.
Генерално барањата на овие банки се обемни, но во пракса можете да поминете полесно отколку што е истакнато на нивните веб страни, поради фактот што дел од процедурите можат да бидат олеснети и спроведени од нивна страна со цел да ви помогнат.
Тука мора да го споменеме и системот на Трговски Центар (tc.mk) кој нуди многу добри решенија за мали продавници, на кои им треба брзо решение и лесно одржување. Со самата апликација вие добивате домен со име prodavnica.tc.mk (каде prodavnica е името на вашата продавница). Ова е добро решение и поради тоа што не ви треба никакви договори со банки, ниту пак имате потреба од дизајн и програмирање или инсталирање на готов софтвер. Единствено го добивате тоа што ви треба – продавница преку која сте готови да продавате.
Доколку сте мала компанија која сака брзо да започне да продава на интернет без многу компликации го препорачувам системот на Трговски Центар, доколку пак сакате да го јакнете својот бренд и сте спремни да посветите повеќе ресурси на вашата продавница одберете некој систем базиран на слободен софтвер. Ако прашате зошто слободен софтвер наместо софтвер со затворен код, ќе ви одговорам кратко: не си го комплицирајте животот ☺.
Тестирање
Секогаш, ама баш секогаш тестирајте го системот. Поставете пробен производ со помала вредност и замолете некој ваш пријател да направи нарачка и да ви каже каде се проблемите, што не функционира и што е одлично. На овој начин можете да заштедите многу идни проблеми и се разбира пари.
Тестирајте и тогаш кога ќе почне да функционира продавницата многу од проблемите можат подоцна да излезат на површина. Подобро да имате 10 грешки во тестот, отколку 1 греќка во реалното купување.
Промоција
Промоцијата е еден посебен сегмент, и вие тоа сигурно го знаете. Меѓутоа за да ја привлечете вашата целна група не ви треба скапа реклама за време на Шехерезад, или некој огромен билборд на некој автопат. И така и така никој нема да може да кликне на нив. Побарајте каде се движи вашата група и бидете присутни таму без разлика да ли се работи за реалниот или виртуелниот свет. Понудете им едукација зошто да купуваат од вас и зошто (и како) да купуваат од интернет. Направете и сопствена страница, повикајте ги потенцијалните клиенти да ви се придружат и стимулирајте ги со попусти, наградни игри и слично.
Одржување
Одржувањето е нешто на коешто сите забораваат кога ќе се изработи нивната веб страница, без разлика дали се работи за мала продавница или за голем систем за е-трговија, она што е секогаш потребно е секојдневното одржување. Понекогаш се доволни и неколку минути дневно, но бидете спремни кога ќе излезат проблеми да посветете повеќе време и да ги решите. И не заборавајте да им кажете на постоечките и идните клиенти дека имате некој проблем на кој работите. На тој начин само ќе ја зголемите довербата.
И на крај една препорака, почнете што побрзо. Тие што ќе направат сопствена продавница, порано ќе се позиционираат на интернет пазарот за кој се очекува дека брзо ќе се развива наредните две години.
Успешна работа!




